Преку партиско соопштение, Демократската унија за интеграција во врска со вчерашниот камен темелник поставен за Коридорот 8, информира дека граѓаните знаат ‘кој градел а кој саботирал’.
„Кога Демократската унија за интеграција работеше на обезбедување на финансирањето за Коридорот 8, тие гласаа ПРОТИВ. Кога ја потпишавме спогодбата, не обвинија за криминален и коруптивен договор. Кога започнаа градежните работи, тие мобилизираа сè што имаа на располагање за да не сопрат — со изјави, кампањи, блокади и отворена пропаганда. Но, уште поопасно и посрамно беше тоа што не го напаѓаа проектот само како “прескап” или “сомнителен,” пишува во соопштението на ДУИ.
Интегративците потсетуваат и дека проектот Коридорот 8 бил ‘прогласен за закана по националниот идентитет’.
„За дел од наводен опасен проект за „Голема Албанија“. Го претворија во политичко оружје за ширење страв, паника и етнички поделби. Со недели ги мачеа психолошки граѓаните, тврдејќи дека овој проект ќе ја уништи државата. Одеа толку далеку што ги обвинија и нашите стратешки сојузници — САД — за вмешаност во некаков „темен план“. А денес? Денес се сликаат пред истиот тој проект како да е нивен. Денес се обидуваат да го претстават како своја лична заслуга, како политичка победа. Ова не е политика. Ова е недостаток на карактер. Ова е хипокризија“, велат од ДУИ.
Тие потенцираат дека ‘оние што го саботираа проектот немаат ниту морално, ниту политичко право денес да го присвојуваат’.
„Напротив — тие треба јавно да се извинат за стравот и поделбите што ги посеаја, за блокадите и лагите што ги ширеа со години. Коридорот 8 е визија.Тоа е резултат на нашата истрајна работа, на нашата верба во евроатлантската иднина и на цврстото партнерство со нашите американски и европски пријатели. Народот не заборави кој градеше, а кој саботираше. И историјата ќе ги постави сите таму каде што навистина припаѓаат“, пишува во партиското соопштение на интегративците.