Просечната плата во Црна Гора е 1.000 евра, за храна одат третина од примањата

Во Црна Гора, околу 30 проценти од месечните приходи се трошат за храна, покажува анализа на Истражувачкиот центар Демостат. За достоинствен живот, според проценките, потребни се речиси 2.000 евра месечно.

Просечната плата во јануари изнесувала 1.004 евра, додека минималецот беше зголемен кон крајот на минатата година и сега изнесува 600 евра за вработените со средно образование и 800 евра за оние со високо образование, објави Радио телевизија Црне Горе.

Најголемите месечни издатоци, покрај храната, се за кирија и комунални трошоци – просечно 390 евра. За хигиена и здравје се потребни околу 135 евра, а месечниот трошок за летен одмор се проценува на 125 евра. Трошоците за одржување, облека, обувки, превоз, образование и спорт изнесуваат приближно 100 евра.

Во споредба со другите земји од регионот, Србија е прва по уделот на трошоци за храна – повеќе од 40 проценти од месечните примања. Во Хрватска тој удел изнесува 27 проценти, додека најниски се трошоците во Словенија – 18,8 проценти.

Се наведува и дека Подгорица е за 8,2 проценти поевтина од Белград, а цените на кириите се пониски за дури 22,6 проценти.

Зачлени се на нашиот е-билтен