Владата повторно распиша оглас за избор на фирма која ќе ја изработи софтверската апликација за прес-клипинг, која ќе овозможи да се оцени влијанието на медиумите преку категоризација на објавените вести како позитивни, негативни или неутрални. Овој нов тендер следува по неуспехот на првиот, кој пропадна поради недостаток на пријавени фирми.
Според информациите објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, претходниот тендер не резултираше со ниту една понуда, па Владата беше принудена да распише нов оглас (бр. 03756/2025) . Службата за општи и заеднички работи на Владата го објави вториот тендер на 25 април, со истите услови како и претходниот. Поднесувањето понуди е отворено до 27 мај.
Софтверот што треба да се изработи ќе овозможи следење на медиумските објави и ќе ги содржи податоците за медиумот што ја објавил веста, како и името на авторот. Владата има намера да ги оценува медиумите врз основа на објавените вести, што може да има далекусежни импликации на медиумската сцена во земјата.
Во првиот тендер Владата бараше компанија која ќе изработи софтвер кој ќе врши мониторинг на сите медиуми – електронски, печатени, онлајн и социјални мрежи – и ќе ги оценува содржините како позитивни, негативни или неутрални. Дополнително, се бараше софтверот да генерира дневен извештај за медиумските објави, вклучително име на медиумот, авторот, содржината и линк до оригиналниот извор.
Софтверот, опремен со вештачка интелигенција, треба да биде достапен и преку мобилна апликација, како и да функционира офлајн за транскрипција на говор во текст. Овој систем, согласно техничката спецификација, беше наменет за потребите на околу 30 државни институции и политички органи.