Шел го мерка БП – На повидок најголемата нафтена фузија во Европа?

Британскиот енергетски гигант Шел (Shell) разгледува можност за аквизиција на ривалот БП (British Petroleum), што би можело да стане едно од најголемите спојувања во историјата на нафтената индустрија.

Информациите за евентуалното преземање се појавуваат во момент кога акциите на БП паднаа за речиси 30 отсто во последната година. Падот на цената на нафтата, предизвикан од американските царини и одлуката на картелот ОПЕК плус за зголемување на производството, дополнително ја ослабија позицијата на БП.

Според информации што ги пренесе Блумберг, Шел во моментов ги анализира сите последици од можното спојување, но конечна одлука сè уште не е донесена и ќе зависи од пазарните движења, вредноста на акциите на БП и пошироката геополитичка ситуација.

Во кратко соопштение од Шел велат дека и понатаму се „фокусирани на перформансите, дисциплината и поедноставување на бизнисот“, без да дадат експлицитен коментар за шпекулациите за преземањето.

Можното спојување на Шел и БП би било без преседан во европскиот енергетски сектор, а многу аналитичари веќе го нарекуваат „историски момент за индустријата“.

Пазарната вредност на Шел моментално се проценува на околу 174,8 милијарди евра,

додека БП падна на 65,7 милијарди евра, што би ја направило оваа аквизиција асиметрична, но стратешки исплатлива.

Според проценката на CNBC, моменталниот притисок врз БП создава „историска шанса за Шел“, кој има поголема финансиска моќ и пазарна стабилност.

Сепак, некои аналитичари предупредуваат дека Шел би можел да ја избегне комплексноста на спојувањето и наместо тоа да се фокусира на помали аквизиции (bolt-on) и откуп на сопствени акции, со што би избегнал построги регулаторни контроли и предизвиците од интеграција на двете корпорации

Зачлени се на нашиот е-билтен