Европската унија планира да воведе забрана за склучување нови договори за увоз на руски гас до крајот на оваа година, а да го укине постојниот увоз до крајот на 2027 година, изјавиле тројца функционери на ЕУ за агенцијата Ројтерс.
Европската комисија денеска ќе објави нова стратегија – т.н. „патоказ“ – со која се планира постепено напуштање на увозот на руски фосилни горива, како дел од енергетската трансформација на блокот и намалување на зависноста од Русија поради војната во Украина.
Во предлогот, кој треба да биде официјализиран во јуни, ќе биде вклучена обврска за забрана на сите нови договори за руски гас, а ќе се предвиди и механизам за постепено укинување на постоечките договори со Москва најдоцна до 2027 година.
Овој потег е дел од поширока европска стратегија за енергетска безбедност и геополитичка независност, со која ЕУ сака да се дистанцира од руските енергетски ресурси, кои долго време беа клучен дел од нејзината енергетска инфраструктура.