Поради најавените царини кои би можеле драстично да го зголемат увозот на играчки од Кина, американскиот производител „Мател“ најави покачување на цените и преместување на дел од производството. Во исто време, Доналд Трамп ја минимизира загриженоста, порачувајќи дека „на децата нема да им пречи да имаат две кукли наместо триесет“.
Не долго откако Трамп воведе царини на играчки произведени во Кина и други земји, „Мател“ – гигантот за производство на играчки и креатор на култната Барбика – соопшти дека планира зголемување на цените во САД. Компанијата исто така се откажа од своите финансиски прогнози за 2025 година, наведувајќи дека „еволуирачкиот царински пејзаж во САД“ го отежнува предвидувањето на потрошувачката.
„Мател“ произведува околу 40 отсто од своите играчки во Кина, која е погодена од страна на администрацијата на Трамп со царини од 145 отсто, со образложение дека Пекинг неправедно се однесува кон САД во трговијата.
Производителот на играчки во понеделникот соопшти дека ќе премести дел од производството од Кина во обид да го диверзифицира својот синџир на снабдување и да ја преброди царинската криза, а ќе преземе и мерки за корекција на цените на американскиот пазар каде што е неопходно.
Сепак, во коментарите минатата недела, Трамп ја минимизира загриженоста дека неговите таканаречени реципрочни тарифи ќе ги зголемат трошоците за стока и ќе доведат до недостиг.
„Па, можеби децата ќе имаат две кукли наместо триесет, а можеби тие две кукли ќе чинат неколку долари повеќе отколку што инаку би чинеле“, изјави тој. Оттогаш, тој ги повтори и засили своите антиматеријалистички изјави.
Истражување спроведено минатиот месец од Здружението на производители на играчки меѓу 400 американски компании покажа дека речиси половина од нив веруваат дека царините на Трамп би можеле да ги одведат до банкрот.