Продолжува стрмоглавиот пад на продажбата на Tesla во Европа – бројките се загрижувачки

Иако „Тесла“ и понатаму е еден од најголемите производители на електрични возила во светот, нејзиното влијание на пазарот сѐ повеќе опаѓа од месец во месец. Ова особено се чувствува во Европа, каде што сѐ поголем број купувачи се свртуваат кон конкуренцијата, наместо кон сѐ постариот асортиман на Tesla.

На некои од најголемите европски пазари за електрични возила, купувачите масовно ја напуштаат Tesla – дел од нив поради несогласување со однесувањето на директорот Илон Маск, а дел едноставно затоа што нашле подобар автомобил кај друг производител.

Драматичен пад во Шведска

Причините се различни, но бројките се недвосмислени. Во април, продажбата на Tesla во Шведска се намалила за неверојатни 81 отсто, достигнувајќи најниско ниво од октомври 2022 година. Во Холандија е забележан пад од 73,8 отсто во споредба со истиот месец лани, а во Данска и Франција продажбата се намалила за 67, односно 59 проценти. Дури и во Португалија, каде што падот не е толку драстичен, продажбата е намалена за 33 проценти.

Сето тоа се случува и покрај обидите на Tesla да го зајакне своето присуство во Европа со редизајнираниот Model Y. Овој електричен кросовер со години беше носечки производ за компанијата, често меѓу најпродаваните модели во Европа. Но, дури ни новиот дизајн и техничките подобрувања не го вратија интересот на европските купувачи.

ЗемјаПад на продажбата (во %)
Шведска-81%
Холандија-73,8%
Данска-67%
Франција-59%
Португалија-33%

Продажбата на електрични возила расте – на Tesla ѝ паѓа

Во првиот квартал од 2025 година, продажбата на електрични возила во Европската унија пораснала за 23,9 проценти. Сепак, Tesla во истиот период продала 45 проценти помалку возила – вкупно 36.167, според податоците на Здружението на европски производители на автомобили (ACEA). Со тоа, уделот на Tesla на пазарот во ЕУ паднал од 2,4 на 1,3 проценти.

На поширокиот пазар што ги опфаќа ЕУ, Обединетото Кралство и земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), продажбата на Tesla во првиот квартал се намалила за 37,3 проценти, додека вкупната продажба на електрични возила пораснала за 28 проценти.

Ни во Америка не е подобро

Состојбата не е многу подобра ниту во САД. Според податоците на Cox Automotive, вкупната продажба на електрични возила таму пораснала за 11,4 проценти во првиот квартал, додека продажбата на Tesla паднала за 8,6 проценти.

Падот во Европа доаѓа по слаба 2024 година за компанијата, кога забележа најнизок број на испорачани возила во последните две години – пад од 13 проценти на глобално ниво.

Големото прашање сега е: може ли Tesla да се извлече од овој тренд? Според интересот за новиот достапен електричен пикап наречен Slate, многумина сметаат дека на Tesla ѝ е потребен одамна најавуваниот евтин модел. Се шпекулира дека компанијата наскоро ќе претстави нов, попристапен електричен автомобил, можеби веќе следниот месец. Некои извори велат дека тоа би можел да биде поедноставен и помал Model Y, додека Маск наводно сѐ повеќе се фокусира на идејата за роботакси возила – без волан и со експериментален софтвер.

Зачлени се на нашиот е-билтен