Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево пристигна во Москва, каде што треба да присуствува на Парадата на победата во петок, беше објавено на неговиот официјален Инстаграм профил.
„По многу години, повторно во Москва. Горд на антифашистичката борба на мојот српски народ и благодарен за огромната помош што ја имавме од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“, напиша тој во објава на Инстаграм.
Според медиумите, авионот слетал на московскиот аеродром Внуково.
Претходно, медиумите објавија дека авионот, на пат кон Москва, извршил итно слетување во Азербејџан поради борбени операции во воздушниот простор на Украина. Подоцна, летот за Москва продолжи.
Претходно беше објавено дека Вучиќ е на пат кон Москва за да присуствува на парадата по повод 80-годишнината од победата на Русија над фашизмот во Втората светска војна и да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Присуството на парадата го најави и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.