Федералните резерви на Соединетите Американски Држави одлучија да ги задржат основните каматни стапки непроменети, наведувајќи ја економската неизвесност што произлегува од новите, обемни тарифни мерки на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
На прес-конференција по состанокот на Федералниот комитет за отворен пазар, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, изјави дека економијата на САД моментално е во добра состојба, но оти новите тарифи ќе имаат „материјално влијание“ врз нејзината идна насока.
„Мислиме дека најразумниот потег е да почекаме и да видиме како ќе се развиваат работите. Постојат премногу неизвесности“, рече Пауел.
Пазарите реагираа позитивно на одлуката на ФЕД. Dow Jones Industrial Average порасна за 285 поени, или 0,7%, додека S&P 500 доби 0,43%. Технолошкиот индекс Nasdaq Composite бележеше флуктуации во текот на денот, но заврши со раст од 0,27%.
Пазарните аналитичари предупредуваат дека ФЕД е во незгодна позиција, имајќи предвид дека опсегот и ефектот на новите тарифи сè уште не се целосно познати. Според нив, следните економски индикатори ќе бидат клучни за понатамошната монетарна политика на САД.
„Ова е тешка фаза за Федералните резерви – политиките за тарифи постојано се менуваат, што го прави економскиот изглед нестабилен“, изјави Бил Адамс, главен економист во банката Comerica.
Индексот на пазарни емоции на CNN, познат како „Fear and Greed Index“, трета седница по ред покажува „алчност“ како доминантно чувство на Волстрит. Тоа е остар заокрет, откако индексот со месеци беше во зоната на „страв“ и „екстремен страв“.
Следниот состанок на ФЕД е закажан за јуни, а шансите дека каматните стапки повторно ќе останат непроменети се зголемени на речиси 77%, според алатката FedWatch на CME.