Бил Гејтс го донира речиси целото свое богатство и ја затвора фондацијата – го објави и точниот датум

Кога Бил и Мелинда Френч Гејтс ја основаа Фондацијата Гејтс во 2000 година, нивниот план беше организацијата да продолжи да функционира со преостанатото богатство и децении по нивната смрт. Но сега, основачот на Мајкрософт, милијардерот Бил Гејтс, вели дека не сака да чека толку долго за да ја донира поголемиот дел од своето богатство.

Гејтс во четвртокот објави дека планира да распореди „речиси целото“ свое богатство – кое се проценува на околу 200 милијарди долари – во следните 20 години и дека ќе ја затвори фондацијата на 31 декември 2045 година.

Оваа најава доаѓа во момент кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обидува да го намали финансирањето за здравство, надворешна помош и други програми за јавна поддршка – токму оние активности што ги поддржува Фондацијата Гејтс. Тоа предизвикува загриженост поради можни застои во истражувања и други важни проекти.

Гејтс сака да го забрза темпото на работа на фондацијата, особено во глобалните здравствени иницијативи и проекти за еднаквост, со надеж дека неговиот пример ќе ги поттикне и другите милијардери да го следат неговиот пат. Во блог објава, тој напиша дека ова е продолжение на неговата долготрајна посветеност кон филантропијата.

Заедно со поранешната сопруга Мелинда и инвеститорот Ворен Бафет, Гејтс ја започна иницијативата „Завет за давање“ (Giving Pledge) во 2010 година – повик до богатите да донираат најголем дел од своето богатство за добротворни цели, додека се живи или преку тестамент. Денес, иницијативата има над 240 потписници.

„Ќе зборуваат разни нешта за мене кога ќе умрам, но решен сум едно да не го кажуваат: ‘умре богат’,“ напиша Гејтс, кој годинава ќе наполни 70 години. „Премногу итни проблеми чекаат решение за да чувам ресурси што може да им помогнат на луѓето.“

Фондацијата Гејтс, една од најголемите филантропски организации во светот, досега донирала повеќе од 100 милијарди долари, вклучително и за развој на вакцини, дијагностички алатки и логистика за испорака на терапии во борбата против болести ширум светот.

Во последниве години, особено по пандемијата, Гејтс го зголеми темпото на своите донации. Но објавата од четвртокот претставува значително забрзување во распределбата на неговото богатство. Фондацијата ја нарече оваа одлука „најголема филантропска обврска во современата историја“.

Зачлени се на нашиот е-билтен