Откриено колку наплаќа Ватикан за позиции со најдобар поглед кон оџакот: Се плаќа како за суво злато

Конклавата за избор на нов папа секогаш предизвикува огромно внимание кај верниците, но и кај туристите, кои токму во овој период доаѓаат во Ватикан со надеж да присуствуваат на овој значаен настан за Католичката црква. Од една страна, конклавата е длабоко религиозен чин, но од друга – претставува и голем финансиски извор за Ватикан.

Според информации објавени од италијанските медиуми, за конклавата што се одржува оваа година се акредитирале дури 5.300 новинари од целиот свет.

Бидејќи новинарите и снимателите се натпреваруваат за најдобрите позиции за известување, особено се бараат локациите во близина на оџакот на Сикстинската капела – токму од таму излегува димот што го сигнализира изборот (или неуспехот) на нов папа.

Црниот дим значи дека кардиналите не постигнале договор, додека белиот дим означува успешен избор. Затоа, сите медиуми се стремат токму тој миг да го снимат од најдобриот можен агол.

Најдобриот поглед, според италијанските новинари, се нуди од балконите на улицата Виа Паоло VI, а Ватикан ги изнајмува тие позиции на медиумите по цена од 500 евра на ден.

Да потсетиме, во средата нешто по 20 часот над Сикстинската капела се појави црн дим, знак дека во првиот круг гласање кардиналите не избрале нов папа. Денес се закажани четири гласања, а ако папата биде избран уште во првото, бел дим може да се очекува веќе по 10:30 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен