Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов реагира на гласањето во Советот на Општина Кочани за меморандумот за меѓуопштинска соработка со Струмица.
Во објава на Фејсбук, Костадинов наведува дека со ова формално паднале во вода напорите на струмичани институционално да му помогнат на Кочани кој се соочи со најголемата трагедијата од независноста на државата.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани денеска гласаа против меморандумот за меѓуопштинска соработка меѓу Струмица и Кочани со што формално паднаа во вода напорите на сите струмичани институционално да помогнеме на град кој пред многу кратко време се соочи со најголемата трагедија во историјата на независна Македонија“, напиша Костадинов.
Во објавата додава дека како човек сака да се извини на Кочани и дека како град во целост им стојат на располагање на семејствата на починатите и повредените во трагедијата.
„Изненаден сум од политичкото, хуманото рацио на ВМРО-ДПМНЕ Кочани, да се делува партиски дури и во денови кога единството е најпотребно, но одлуката е ваша, легитимна и јас и Општина Струмица во целост ќе ја почитуваме“, стои во објавата на Костадинов.
На 23 минатиот месец, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете општини, кој требаше на првите наредните седници на советите да биде прифатен и да прерасне во Договор за меѓуопштинска соработка.