Конзервативците го блокираа големиот закон на Трамп во Конгресот

Републиканците во Претставничкиот дом не успеаја денеска да го протуркаат својот пакет за масовно олеснување на даноците и намалување на трошоците преку Конгресниот буџетски комитет на САД и за него нема да се гласа, бидејќи мал број конзервативци им се придружија на демократите во изненадувачка одлука.

Ова, засега, ги закочи напорите на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, да го одобри законот следната недела. Но, некои од конгресмените ветија дека ќе останат цел викенд за да преговараат за промените пред претседателот Трамп да се врати во Вашингтон од Блискиот Исток.

Републиканските пратеници од крајната десница се залагаат за длабоки намалувања на трошоците за Медикејд и крај на даночните олеснувања за зелената агенда од ерата на Бајден, пред да го поддржат законодавството на Трамп. Тие предупредуваат дека само намалувањето на даноците би го зголемило веќе постоечкиот долг на земјата од 36 трилиони долари.

Конзервативците се залагаат за поголеми намалувања на Медикејд и други програми за да се компензираат трошоците за даночни олеснувања. Но, во исто време, пратениците од државите со високи даноци, вклучувајќи го и Њујорк, бараат поголеми даночни олеснувања, познати како SALT, за своите избирачи.

Џонсон тврди дека републиканците се на добар пат да го усвојат законот, за кој верува дека ќе донесе доза на стабилност во нестабилната економија. Демократите го осудија пакетот мерки. Тие нагласија дека милиони луѓе ќе го изгубат здравственото осигурување доколку законот биде усвоен, додека најбогатите Американци ќе добијат огромни даночни олеснувања. Тие исто така рекоа дека тоа ќе ги зголеми идните дефицити.

Комитетот за буџет е една од последните станици пред пакетот да биде испратен во Претставничкиот дом на гласање, што се очекува веќе следната недела. Но, републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом. 

Зачлени се на нашиот е-билтен