„Охрид SOS“: Мошне лош проектот за пренасочување на Сатеска во првобитното речно корито

Проектот за пренасочување на реката Сатеска по нејзиното провобитно корито е толку лошо изготвен така што спроведувањето на самиот проект би можело да доведе до спротивен ефект од предвидениот, односно „има потенцијал за зголемување на изложеноста и ранливоста на влијанијата од климатските промени“. Така тврдат активистите на Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“, според кои негрижата и неспособноста ќе го доуништат веќе ранливиот Охридски Регион заштитен од УНЕСКО како светско природно и културно-историско наследство.

Проектот за враќање на Сатеска во природното корито почна во 2022, со поддршка на УНДП, со цел враќање на реката во сливот на Црн Дрим наместо во Охридското Езеро. Проектот беше претставен како начин за заштита на регионот од екстремни временски услови и спасување на езерото од загадување.

Според „Охрид SOS“, предвиденото решение за проектот е недоволно квалитетно односно квази-решение што ги остава истите проблеми, со можност да предизвика и други.

Во шеесеттите години на минатиот век реката Сатеска беше вештачки пренасочена кон езерото со цел да се исушат мочуриштата за земјоделски цели и да се подобри работата на хидроцентралите долж Црн Дрим, каде што реката некогаш природно се влевала. Оттогаш Охридското Езеро се гуши во седименти, отпадоци, пестициди, хранливи материи и други отрови што ги носи Сатеска. Оттогаш досега со средства од Фондот за адаптација при Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, Македонија заедно со УНДП почна да ja исправа грешката и отпочна проект за враќање на Сатеска во нејзиниот вистински тек. Тоа требаше и да одговори на препораките на УНЕСКО за заштита на Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

„На хартија, идејата беше одлична: подобра заштита од поплави и почисто езеро. Двоен успех.Но, што навистина се случи? Прво, наместо да се реконструира старото корито така што ќе може да издржи 100 метри кубни во секунда при големи бури (утврдено со претходни технички проценки), речното корито беше направено да издржи само 15 мертри кубни во секунда. Волумен поголем од тоа, повторно би одел во езерото. Така што при екстремни временски услови загадувачките материи ќе продолжат да се влеваат во Охридско Езеро – токму кога проблемот со штетните материи и седиментите е најголем“, посочуват активистите од „Охрид SOS“.

Понатаму, како што велат, наместо проценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) што требаше да ги анализира можните последици од пренасочувањето на реката, само се ископирани делови од документи за сосема други проекти, со застарени и неточни податоци, без каква било проценка на влијанието врз автохтоните видови риба во езерото.

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, појасни дека дел од активностите на терен се веќе завршени, а останатите се во завршна фаза, кога станува збор за трасата во рамки на Општи

На крајот, конечната нацрт-верзија на таа нискоквалитетна ОВЖС била доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање пред воопшто да се одржи јавна консултација за проектот. Тоа, како што велат од „Охрид SOS“, значи дека ниту носителот на оцената на влијанието, ниту Министерството навистина имаа било каква намера да ги чујат ставовите на локалното население, земјоделците, сопствениците на земјиште и граѓанското општество, додека коментарите на „Охрид ЅОЅ“ доставени во рамки на таа консултација мистериозно исчезнале.

Пренасочувањето на реката Сатеска почнало и без добиено мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Инаку, нејзината улога е да ги разгледа плановите и проектите пред нивната реализација за да се осигура дека нема да му наштетат на Светското наследство. Самото мислење на комисијата е задолжително според закон, потсетуваат од „Охрид SOS“.

Како последица на наведеното Иницијативата „Охрид ЅОЅ“ поднела жалба до УНДП за сите посочени нерегуларности. Притоа од УНДП е спроведена истрага со која е уврдено дека со оценката на влијанието врз животната средина „не се третираат сите релевантни влијанија врз физичките, биолошките и социоекономските ресурси, вклучувајќи директни, индиректни, кумулативни и индуцирани влијанија“, дека делови од оцената се плагијат, дека ресорното Министерство за просторно планирање речиси воопшто не врши контрола на квалитетот на ОВЖС и оти ја довело УНДП во заблуда со неточно тврдење дека коментарите од „Охрид ЅОЅ“ пристигнале по истекот на рокот.

Дека пренасочувањето на Сатеска нема да го реши проблемот со седиментите во Охридското Езеро се наведува и во последната Реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО во Охридскиот Регион од 2024 година.

„Охрид SOS“ предупредува дека уште еднаш негрижата и неспособноста го оставија Охридскиот Регион, неговата флора, фауна и жителите со изгубено време, залудно потрошени пари и привид на решавање проблем.

„Згора на тоа, иако Македонија во моментов го ревидира Законот за животната средина и има можност сериозно да го зајакне во доменот на оцените на влијанието врз животната средина, предложените измени ни оддалеку не се доволни за да донесат вистинска промена во квалитетот на оцените. Што уште треба да се случи за властите конечно да сфатат дека проценката на ризиците за луѓето и живиот свет не е непријатност што може да се избрише со неколку штиклирани полиња и лажна консултација? Веројатно – уште една трагедија. А, кога тоа ќе се случи, немојте да кажете дека не бевте предупредени“, наведуваат од „Охрид SOS“ во писмото доставено до медиумите.

Зачлени се на нашиот е-билтен