Фотографиите на петтемина млади штипјани кои го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа пронајдени искршени утринава на плоштадот „Слобода“ во Штип, пренесува телевизија МНЕТ.
Станува збор за Филип Стевановски, Александар Коларов, Александар Ефремов, Дамјан Таневски и Филип Ивановски – сите од Штип – чии фотографии беа поставени на плоштадот на 16 март, како дел од спомен-обележјето по настанот во кој загинаа вкупно 62 лица, што се смета за една од најтешките трагедии во поновата македонска историја.
Граѓани и роднини на починатите со огорченост и болка реагираа на вандализмот, нарекувајќи го нечовечки и бездушен чин кој го гази споменот на трагично згаснатите животи.
„Ова не е само уништување на слики – ова е навреда кон болката на целиот град и кон сите кои ги изгубија најблиските. Нема правда без почит“, коментира еден од граѓаните.
Надлежните институции се повикани да го истражат случајот и да ги пронајдат одговорните за овој чин, кој ја потресе јавноста и повторно ги отвори прашањата за општествената емпатија и почит кон жртвите.