Со новиот Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Владата го насочува фокусот кон инфраструктурни инвестиции, со посебен акцент на железничката мрежа. Главен проект е модернизацијата и проширувањето на Коридорот 10 – делницата од Табановце до Гевгелија – кој треба да прерасне во најбрзиот и најисплатлив товарен железнички коридор што ги поврзува грчките пристаништа со европските пазари.
На прес-конференција во Владата, директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека ќе се гради нова двоколосечна пруга со значително подобрени технички параметри – дозволена брзина до 160 км/ч за патнички и до 120 км/ч за товарен сообраќај. Постоечката линија ќе се реконструира, а новата пруга ќе се гради паралелно, со скратување на трасата преку исправување на кривини.
„Очекуваме изградбата да започне девет месеци по потпишувањето на договорот, а целосната реализација да трае пет години. Планирано е прво да се гради новата траса, а потоа да се реконструира постоечката. Со проектот е опфатено и железничко поврзување меѓу Скопје и скопскиот аеродром во Петровец“, изјави Ивановски.
Дополнително, оваа есен ќе започне целосна реконструкција на делниците од Драчево до Илинден и од Зелениково до Скопје, кои ќе бидат вклучени во новиот систем на градски воз. Ќе се модернизира и железничката станица во Скопје.
„Со овие активности сакаме да ја вратиме Македонија на железничката мапа на Европа. Географски сме идеално позиционирани, а товарниот железнички сообраќај може да стане еден од главните двигатели на економијата“, потенцира Ивановски.
Коридорот 10 во земјава се протега покрај реката Вардар во должина од околу 230 километри. Постојната пруга со еден колосек, изградена во 1873 година, досега претрпела само делумни реконструкции. Со најавените инвестиции, таа конечно ќе добие современ лик и капацитет за модерни транспортни текови.