Повеќе од три илјади долари се собрани од хуманитарниот мото-хепенинг „The Distinguished Gentleman’s Ride“ што годинава се одржа во Скопје по јубилеен 10-ти пат. Парите ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ а од таму ќе се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и ракот на простата.
Годинашното издание на „The Distinguished Gentleman’s Ride“ во Скопје собра над 180 љубители на мотори, кои во задолжителниот дрес код составен од палто, вратоврска и кацига, вчера продефилираа низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје.
Скопје првпат се најде на мапата на ова глобално движење во 2016 година. Бројката на учесници секоја година расте, а исто така и бројот на донации така што од 2016 година досега во овој хуманитарен настан во Скопје имало 1323 учесници и собрани се вкупно 24 илјади долари.
Движењето „The Distinguished Gentlemans Ride“ започна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костим одлучи да продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простата. Од година во година движењето станува се помасовно. Годинава, на светско ниво се вклучија 125 илјади учесници.
Настанот се организира секоја година во втората половина на мај, според одредени правила и мора да има одлики спрецифични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код за учесниците.
На гобално ниво досега над 340 илјади луѓе учествувале во овој хуманитарен настан кој се одржал во 1038 градови и во 121 држава. Собрани се повеќе од 59.8 милиони долари.