Три деца, жртви на сексуална злоупотреба, беа идентификувани и згрижени благодарение на операцијата на Работната група за идентификација на жртви (VIDTF) на Европол, објави агенцијата.
Експерти од повеќе од 30 земји и Европол анализираа стотици фотографии и видеа помеѓу 12 и 23 мај со цел да ги идентификуваат децата жртви на сексуална злоупотреба.
„Благодарение на внимателната анализа и меѓународната соработка, веројатната земја на извршување на кривичните дела беше утврдена во околу 190 случаи. Досега, повеќе од 50 случаи се проследени до националните власти за понатамошно постапување, а три деца беа идентификувани и згрижени“, се вели во соопштението на Европол.
Во продолжение се нагласува дека анализираниот материјал потекнува од полициски заплени низ целиот свет и е дел од базата на податоци на Европол, која содржи околу 100 милиони записи.
„Анализираните податоци вклучуваа снимки од директна сексуална експлоатација на деца од страна на непознати сторители, како и снимки од сексуални дејствија во живо извршени од малолетници, кои биле охрабрени и принудени од различни сторители. Приказаните жртви се од различни возрасти и доаѓаат од различни делови на светот – од мали деца до адолесценти. Ова укажува на застрашувачкиот обем и неселективната природа на овие злосторства“, соопшти Европол.
Во акцијата учествуваа експерти од 17 земји-членки на ЕУ, како и од 13 земји од целиот свет, вклучувајќи Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Канада, Австралија, САД и други.
Европол додава дека активностите на Работната група VIDTF од 2014 година довеле до грижа за повеќе од 940 деца и апсење на повеќе од 283 сторители.
Агенцијата апелира до јавноста да помогне во идентификувањето на субјектите од снимките од злоупотреба, кои може да се најдат на europol.europa.eu/stopchildabuse.