Обвинителството отвори постапка против 34 лица и три компании за смртниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој пред две години загинаа 62 посетители, меѓу нив и шест деца. Во обвинителниот акт се вели дека со години биле прикривани неправилности и се дозволувало локалот да работи иако не ги исполнувал ни основните безбедносни стандарди.
Кој сè е на обвинителната клупа
На листата се сопствениците на дискотеката и нивни роднини, архитектка, тројца поранешни градоначалници, инспектори, обезбедувачи и неколку високи државни функционери. За уште 11 лица – меѓу нив и двајца екс-министри за економија – постапката е запрена поради недостиг на докази. Делото против Владимир Блажев-Панчо е суспендирано додека се лекува, а истрагата по смртта на управителот Александар Карадаковски е прекината.
Реконструкција без дозволи
Основниот сопственик, наведува Обвинителството, извршил обемна реконструкција меѓу 2012 и 2024 година, без проект и без стручен надзор:
„Првообвинетиот, во временскиот период во 2012 година и 2024 година, преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција на објектот и пренамена, без стручен надзор вградувал несоодветни материјали, синтетички сунѓер, кои носат ризик за лесно започнување и лесно ширење на пожар… Обвинетиот, сопственик на објектот во кој функционирал клубот, учествувал со тоа што дозволил реконструкција, иако знаел дека објектот нема дозвола за тоа“, рече обвинителот Трајче Коцевски.
Продажба на билети над капацитетот
Братот на сопственикот, според актот, свесно продавал повеќе влезници од дозволеното:
„Континуирано во договор со својот брат, не постапувал со техничките правила за заштита, не водел сметка и продавал поголем број на влезници… дозволувал во објектот да влезат помлади од 18 години иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови“, додаде Коцевски.
Контроверзен архитектонски проект
Архитектката од Кочани, сопственичка на проектантска фирма, двапати изготвила незаконити проекти:
„Бил изготвен проект за пренамена на објектот, без елаборати… Во 2023 година, таа, пак, му изготвила основен проект, користејќи го претходниот проект, а ја смениле насловната страна како документот да е изготвен во 2023 година“, нагласи обвинителот.
Молк од инспекторите и општината
Градежни инспектори, велат обвинителите, „не воделе постапка и не покренале инспекциски надзор“, што, според Коцевски, им овозможило на сопствениците „Пулс да работи како кабаре“.
Тројца поранешни градоначалници се товарaт дека не иницирале затворање на објектот, иако го дозволиле плаќањето на комунален надомест:
„Ја застапувале и претставувале општината… знаеле дека објектот претставува безбедносно опасен објект… и не презеле дејствија за затворање на кабарето“, додаде Коцевски.
Безбедност само на хартија
Обвинение е поднесено и против управителот и четворица вработени во обезбедувањето; еден немал ни лиценца.
„Истрагата против реалниот сопственик е во тек… Клубот ‘Пулс’ го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка, без проверка на влезови и излези и нивна исправност“, рече Коцевски.
Раководството на Дирекцијата за заштита и спасување, според обвинителството, воопшто не организирало надзор:
„Не организирале надзор… Овозможиле Пулс да работи како кабаре, иако не ги исполнувал условите“, кажa Коцевски.
Лиценци издавани без проверки
Петмина државни службеници од Министерството за економија, меѓу нив генерален секретар и двајца директори, се обвинети дека издавале лиценци иако документацијата била нецелосна:
„Во континуитет издавале лиценци за вршење инспекциска дејност… На кој своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, додаде Коцевски.
Пиротехника и еден излез
Клучниот момент, објаснува обвинителството, бил договор за сценски ефекти:
„Како резултат на севкупноста на пропустите, на усно договорен настап… била договорена употреба на пиротехнички средства… Пиротехниката била набавена без одобрение.“
Самиот пожар избувнал за неколку секунди:
„Пиротехниката била употребена во небезбедни услови… Фонтаните исфрлале искри кон кровот… Меѓу присутните имало панично бегање преку единствениот излез… Единствената последица која ги врзува сите кривично-правни дејствија е катастрофалниот пожар, каде загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца“, заклучи Коцевски.
Обвинителството тврди дека секоја институција имала можност да ја спречи трагедијата, но системските пропусти создале „совршена бура“ што заврши со најголемата ноќна клубска катастрофа во историјата на државата.