Фон дер Лајен: Г7 мора да го засили притисокот врз Русија

Фото: X/@vonderleyen

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на зголемен притисок врз Русија за да се стави крај на војната во Украина, пред почетокот на Самитот на Групата на седумте (Г7) во Кананаскис, Алберта, Канада. Таа ги повика партнерите од Г7 да ги зајакнат санкциите против Москва за да се постигне оваа цел.

Европската унија е подготвена да усвои нов, 18-ти пакет санкции против Русија, но досега не успеа да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови рестрикции, поради неговата загриженост дека санкциите би можеле да го попречат прекинот на огнот, наведува германската агенција ДПА.

– Мораме да извршиме поголем притисок врз Русија за да обезбедиме вистински прекин на огнот, да ја доведеме на преговарачка маса и да ставиме крај на оваа војна. Санкциите се клучни за оваа цел, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција пред почетокот на самитот.

Таа додаде дека минатата недела ЕУ предложила нов пакет санкции и ги повика сите партнери од Г7 да се приклучат на оваа иницијатива.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Г7 ќе дискутира за дополнителни санкции против Москва доколку рускиот претседател Владимир Путин продолжи да ги отфрла повиците за безусловен прекин на огнот во Украина. Тој нагласи дека оваа тема „несомнено“ ќе биде дел од дискусиите на самитот, освен ако Кремљ не се вклучи во мировни преговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се очекува да присуствува на самитот, откако ја прифати поддржаната од САД иницијатива за прекин на огнот и предложи директни разговори со Путин.

– Мораме да ја натераме Русија да седне на преговарачка маса за безусловен прекин на огнот, рече Стармер.

Зачлени се на нашиот е-билтен