МК2025: 60.000 денари за 10 најталентирани средношколци

Фондацијата МК2025 го отвори годинешниот конкурс за програмата „Таленти денес – лидери утре“, преку која ќе додели десет стипендии на најуспешните средношколци во државните училишта за учебната 2025/2026 година. Конкурсот е отворен до 25 јули 2025 година.

Стипендијата изнесува 60.000 денари по кандидат и се исплаќа во десет еднакви месечни рати во текот на школската година (септември 2025 – јуни 2026). Покрај финансиската поддршка, програмата обезбедува и менторство, обуки за личен и професионален развој, како и можност за пракси во реномирани македонски компании. Стипендистите ќе имаат и пристап до годишните настани на Фондацијата МК2025.

Право на аплицирање имаат ученици од прва до трета година со просек најмалку 4,70, добитници или учесници на државни и меѓународни натпревари од природни и општествени науки, компјутерско програмирање и сродни области. Дополнително, приоритет ќе имаат кандидати од социјално ранливи семејства со вкупен годишен бруто-приход до 800.000 денари.

„По успешниот пилот-проект во 2019 година, континуирано инвестираме во младите таленти на Македонија. Досега обезбедивме 50 стипендии, а оваа година повторно ќе поддржиме десет ученици кои веруваме дека утре ќе бидат лидерите што ја движат земјата напред“, соопштуваат од Фондацијата МК2025.

Апликациите се поднесуваат преку онлајн платформата на Фондацијата, каде што се достапни и сите детали за потребната документација и критериумите за избор.

Зачлени се на нашиот е-билтен