Полицаецот Р.Н. од Регионалниот центар за гранични работи – Исток се соочува со кривична пријава за несовесно работење, откако, наводно, им одобрил привремен престој на седум странски државјани и покрај безбедносни извештаи дека претставуваат закана за државата.
Одделот за внатрешна контрола при МВР утврдил дека службеникот во два наврати во декември 2024 и во пет наврати во април 2025 издал решенија спротивни на законот, занемарувајќи информации за ризик по јавниот поредок, националната безбедност и меѓународните односи. Пријавата е доставена до Обвинителството за организиран криминал и корупција, во специјализираното одделение за дела на полициски службеници и затворска полиција.
„Министерството останува цврсто посветено на санкционирање на секое службено лице што ги прекршува законите“, соопштија од МВР, најавувајќи целосна соработка со обвинителството во текот на истрагата.