Апелациониот суд во Солун нареди екстрадиција на 34-годишен државјанин на Македонија во Германија, каде што е обвинет за грабеж и убиство на 81-годишен маж во градот Библис. Германските истражители наведуваат дека на 9 февруари осомничениот и уште неколку соизвршители го врзале и ограбиле пензионерот во неговиот стан на улицата Линденштрасе; жртвата починала од задушување. Телото било откриено два дена подоцна, а случајот го презедоа обвинителството во Дармштат и криминалистичката полиција во Хепенхајм, кои формираа специјална истражна единица „1002“.
Македонецот беше уапсен во мај на граничниот премин Евзони за време на рутинска проверка, кога грчките власти констатираа дека по него е распишана европска потерница. На рочиштето во Солун тој побарал да остане во Грција, објаснувајќи дека семејството од Велес полесно би го посетувало. Судот го одби барањето, оценувајќи дека екстрадицијата е оправдана и дека германското обвинителство располага со доволно докази за организираниот грабеж што завршил со смрт на жртвата.