Тешка несреќа во Охрид: 22-годишен возач усмрти жена, тројца повредени

Фото: Фејсбук на МВР

ОХРИД – Една жена загина, а три лица се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа, на 19 јуни околу 22.30 часот, се случи на кружниот тек кај крстосницата меѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „Јане Сандански“. Според информациите од СВР Охрид, патничко возило „фолксваген голф“ со охридски таблички, управувано од 22-годишниот И.С. од прилепското село Пашино Рувци (со престој во Охрид), излетало од коловозот, удрило во метален столб, а потоа и во двајца пешаци.

Несреќата била фатална за 44-годишната А.Б. од Охрид, која подоцна им подлегнала на повредите во Специјалната болница „Св. Еразмо“. Тешко повреден е и 52-годишниот Д.П. од Скопје, додека возачот И.С. и неговиот 19-годишен сопатник К.М. се здобиле со полесни повреди и се хоспитализирани во „Св. Еразмо“ и Општата болница Охрид.

Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Охрид, по што, по наредба на јавен обвинител, И.С. бил лишен од слобода под сомнение за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ (член 300 став 2 од Кривичниот законик). Истрагата треба да утврди како дојде до излетувањето на возилото и дали имало дополнителни околности што придонеле за трагедијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен