1 лев болничка такса — бугарскиот билет за еврозоната

Бугарската влада тивко ги скрати дневните болнички такси за лекување од 5,8 на само 1 лев ‒ намалување од 82,8 %, чиј ефект беше пресуден за спуштање на годишната инфлација под пропишаниот праг за влез во еврозоната на 1 јануари 2026 година.

Веднаш по априлската корекција, хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP) се намали за 1,2 процентни поени во споредба со март, па годишната инфлација изнесуваше 2,7 %, за влакно под референтната вредност од 2,8 %. Дополнителен притисок надолу создадоа и поевтинувањата на железничките билети (-9 %) и поштенските услуги (-8 %).

Критичарите обвинуваат дека статистиката е „полиранa“. Професорот Стив Ханке, архитектот на бугарскиот паричен одбор, предупредува на „висока веројатност за манипулација со податоците“, оценувајќи дека реалната инфлација е повисока. Слично мислење дели и поранешен висок државен функционер, кој истакнува дека „единствениот вистински двигател на ниската инфлација се административно контролирани цени“.

Во својот конвергенциски извештај Европската комисија отворено признава дека падот на болничките такси избриша 0,89 процентни поени од 12-месечната инфлација и предизвика намалување од 2,9 процентни поени кај индексот на услугите. Министерството за финансии во Софија, напротив, ги отфрла обвинувањата како „дезинформации и гласини“ и тврди дека мерката била насочена кон олеснување на товарот врз домаќинствата.

Медицинските здруженија реагираа дека таксата, иако симболична, е важен приход за болниците, особено во руралните подрачја. Универзитетската болница „Св. Екатерина“ во Софија проценува годишен губиток од околу 40 000 лева. Во систем во кој граѓаните сами покриваат 34 % од здравствените трошоци ‒ двојно повеќе од просекот на ЕУ ‒ останува неизвесно кој ќе ги покрие новите буџетски дупки.

Крајната одлука за членството, заедно со фиксниот курс на конверзија, Советот на ЕУ треба да ја донесе на 8 јули. Дотогаш, прашањето останува: дали бугарскиот успех е одржлива макроекономска политика или привремена статистичка илузија што ја одложува сметката за подоцна?

Зачлени се на нашиот е-билтен