Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска обвини дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ подготвува крупен тендерски скандал поврзан со најавената железничка делница на Коридорот 10. Според опозициската партија, за новата пруга веќе се споменува сума од околу две милијарди евра иако, велат, не постои ни основен проект, ниту физибилити-студија или прецизна траса.
СДСМ прашува како е пресметана цената „ако нема ни лист хартија со техничка документација“ и сугерира дека предвреме е вградена „провизија“. „Ова е подготовка за најголемиот тендерски криминал во поновата историја на државата“, се наведува во партиското соопштение, во кое се посочува дека моделот „мегапроект без основа, со зголемена цена однапред“ потсетува на претходни случаи на злоупотреба.
Несогласувања има и во изјавите на владини претставници: лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски најави почеток на работите до крајот на годинава, додека министерката за финансии Гордана Кочоска изјави дека изградбата нема да стартува пред 2027. СДСМ го оцени ова како доказ за „хаос и неусогласеност во Владата“.
Опозициската партија постави низа прашања: кој ја одредил цената, дали условите се веќе договорени со можен кредитор, кој ќе го добие тендерот и по кои критериуми, како и дали јавноста ќе добие увид во студија за изводливост. СДСМ најави дека „ќе ги следи сите чекори“ и ќе бара целосна транспарентност.
Од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ досега нема официјална реакција на обвинувањата.