Политички потрес во ЕУ: Социјалистите и либералите ѝ ја повлекоа поддршката на фон дер Лајен

Европската комисија се соочува со досега најсериозен институционален раскол, откако парламентарните групи Социјалисти и демократи (S&D) и Ренеу Јуроп (Renew Europe) објавија дека ја повлекуваат својата поддршка за претседателката Урсула фон дер Лајен. Повод е одлуката на Комисијата да го отфрли предлог-директивата за „зелени тврдења“, чија цел беше санкционирање на лажното еколошко рекламирање.

Двете групи ја обвинија фон дер Лајен дека, под притисок на Европската народна партија (ЕПП) и радикалната десница, отстапува од европската зелена агенда. „На работ сме од институционална криза“, предупреди Валери Хајер од Renew. Без гласовите на S&D и Renew, мнозинството во Парламентот се распаѓа, што може да ја парализира законодавната агенда до крајот на мандатот.

Негодувањето дополнително го разгорува скандалот „Фајзергејт“ со недостапните СМС-пораки меѓу претседателката и раководството на Pfizer, за кој центристичките групи досега ја штитеа фон дер Лајен од поширока истрага. Социјалистите и либералите сега најавуваат дека повеќе нема да ѝ обезбедуваат политички штит.

ЕПП возврати дека повлечената директива би претставувала „административен кошмар“ за европските фирми и увери дека Комисијата ќе продолжи да се бори против „зеленото перење“. Сепак, доколку центристите истрајат, Европската унија се соочува со закана од законодавен ќор-сокак во пресрет на клучни буџетски и климатски одлуки.

Зачлени се на нашиот е-билтен