Кина остро го осуди нападот на САД врз Иран и нуклеарните објекти под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Министерството во соопштение на својата веб-страница наведува дека овој потег претставува сериозно кршење на Повелбата на ОН и дополнително ја влошува ситуацијата на Блискиот Исток.
Кина ги повикува страните во конфликтот, особено Израел, веднаш да ги запрат нападите и да започнат дијалог и преговори, соопшти кинеското Министерство.
Американските напади врз Иран грубо го кршат меѓународното право и повелбата на ОН, соопшти руското Министерство за надворешни работи и повика на прекин на агресијата на Блискиот Исток и зголемување на напорите за враќање на ситуацијата во политички и дипломатски колосек.
„Повикуваме на прекин на агресијата и зголемување на напорите за создавање услови за враќање на ситуацијата во политички и дипломатски тек. Со неодговорната одлука за подложување на територијата на суверена држава на ракетни и напаѓачки бомби, без оглед на аргументите што се користат за оправдување на тоа, грубо се крши меѓународното право, Повелбата на ОН и резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, кои недвосмислено ги квалификуваа ваквите дејствија како неприфатливи“, се наведува во соопштението на руското Министерство по американскиот напад врз нуклеарен објект во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп рано изутрината соопшти дека САД синоќа нападнале три постројки за збогатување ураниум во Иран и дека сите три објекти се целосно уништени. Трамп објави на социјалните мрежи дека е постигнат „спектакуларен воен успех“. Нуклеарните објекти што беа цел на американските бомбардери се Фордо, Натанц и Исфахан.