Студентите алармираат: потребни се лифтови и топла вода пред новата академска година

Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) испрати две итни барања до Државниот студентски дом – Скопје, студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, предупредувајќи дека без брза интервенција условите за престој и учење ќе останат недостојни за идните станари.

Во првото дописче до ДСД – Скопје, студентите бараат веднаш да се проверат и повторно да се оспособат нефункционалните лифтови во сите објекти. „Со засилен прилив на станари наесен, исправни лифтови се неопходни за безбедно и достапно движење, особено за колегите со ограничена подвижност“, стои во образложението.

Второто барање, адресирано до „Пелагонија“ и МОН, се фокусира на хроничниот недостаток од топла вода. УСС-УКИМ бара комплетна санација на бојлерите и сервисирање на целиот систем за греење, за да не се повтори сценариото од претходните зими. И тука повторно се потенцира проблемот со расипаните лифтови, што според студентите претставува „двојна бариера“ за лица со здравствени потешкотии.

„Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови што студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме нивните реални потреби“, изјави Александар Николовски, претседател на УСС-УКИМ.

Од студентското тело апелираат надлежните да реагираат уште во текот на летото, за академската 2025/2026 да започне без стари проблеми во ново пакување.

Зачлени се на нашиот е-билтен