За прв пат Ром на клучна владина функција во Букурешт

Романската Социјалдемократска партија го предложи, а новата влада на премиерот Илие Болојан го прифати 41-годишниот Петре-Флорин Маноле за министер за труд и социјална солидарност ова е историски пресврт бидејќи за првпат припадник на ромската заедница ќе раководи со централно министерство во Романија.

Маноле, кој е историчар и активист за човекови права, речиси две децении се бори за инклузија на маргинализираните групи. Во парламентот влезе на триесет и три години, а потоа работеше во Државниот совет за борба против дискриминација и консултираше Светска банка за инклузивни политики. Сега му се доверени пензиската реформа, мерките за вработување и социјалната заштита.

Владата во која влегува се соочува со рекорден буџетски дефицит и засилени барања од Брисел да ја стабилизира фискалната рамка. Истовремено, земјата брзо старее и секоја година губи огромен дел од работната сила поради емиграција. Бизнис-заедницата алармира за драматичен недостиг на технички кадар, лекарски персонал и ИТ-специјалисти, додека пензискиот фонд е под постојан притисок. Маноле најави дека ќе инсистира на партнерство со синдикатите за да се намали социјалниот јаз.

За него, ромската заедница не е само тема за правична застапеност туку и дел од решението на демографската криза: „Ромите носат младост, енергија и претприемачки дух што ѝ недостига на Романија,“ изјави тој на примопредавањето на должноста. Токму во руралните области со висок процент Роми ќе започне пилот-програмата за обука и микро-кредити, замислена да ги трансформира локалните заедници во мали економски јадра наместо во резервати на сиромаштија.

Зачлени се на нашиот е-билтен