Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Њујорк, синоќа се обрати на приемот во седиштето на Обединетите Нации, по повод 30 години од членството на Република Северна Македонија во ОН.
-Триесет години може да се многу значајни во животот на еден човек, додека истовремено за една држава, а камоли за историјата, да немаат толкаво значење. 8 април 1993 година секогаш ќе остане запаметен како еден од најзначајните датуми во нашата историја. Ние исполнивме долгогодишен сон на генерации Македонци, за слободна, суверена, независна и демократска држава, цврсто закотвени во семејството на нации, нагласи Ковачевски.
Тој потсети дека во својот говор при приемот на македонски јазик во салата на Генералното собрание, нашиот прв претседател Киро Глигоров, рече дека приемот во меѓународното семејство на нации е чин со кој победува правдата.
-Сите овие години Република Северна Македонија се однесуваше одговорно, како земја која ги разбира глобалните процеси и ги почитува начелата на меѓународното право и добрососедство. Северна Македонија мина низ многу тешки моменти, но благодарејќи на мудроста на своите граѓани и спроведувањето на разумни политики и лидерството на нејзините политичари, успешно ги надмина сите предизвици и искушенија што ѝ застанаа на патот, рече премиерот.
Додаде дека во изминатите 30 години донесовме мноштво тешки одлуки.
– Тешките, но имагинативни и храбри избори, ни овозможија да станеме НАТО земја и да започнеме пристапни преговори со ЕУ, со заштитени и признаени јазик, идентитет и култура. Од земја што пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, сега сме земја што е домаќин на меѓународни преговори. Ова беше направено затоа што се надградуваме на лидерството и искуството и визијата на политичарите и дипломатите кои ги споменав претходно, нагласи Ковачевски.
Денес со нас, посочи премиерот, ја имаме помладата генерација на министри и дипломати. – Министерот Османи кој покажа висок степен на фокус и знаење во текот на нашите преговори со ЕУ и со соседна Бугарија изминатата година. Амбасадорот Попов, кој е од новата генерација, но искусен дипломат и со таков тип на дипломати и министри, сигурен сум дека ќе продолжиме на патот на успешна дипломатија кој го практикуваме од првиот ден на нашата независност, рече Ковачевски.
Истакна дека потпишаните Охридски договор, Преспански договор како и Договорот за добрососедство, се потврда на постојаната посветеност да се поплочи патот за тековен и иден развој на земјата кон отворен дијалог.
– Нашата земја, Северна Македонија, има посебен бренд на дипломатија покажан преку конструктивен дијалог, за да се решат отворените прашања. А сите овие прашања беа идентитетски. Ако има место на светот каде што постои доказ дека дипломатијата функционира за решавањето идентитетски прашања, тогаш тоа е Северна Македонија, додаде Ковачевски.
Шефот на македонската Влада истакна дека како претседавач со ОБСЕ за 2023 година, нашата земја ги промовира овие суштински начела кои потекнуваат од Повелбата на ОН и чија потврда денес е потребна повеќе од кога било.
-Цврсто веруваме во ОН и нејзините вредности. Цврсто веруваме во нашиот заеднички потенцијал да промовираме инклузивни, ефективни и одржливи глобални влади врз основа на правилата и начелата на меѓународното право, додаде тој.
Во својот говор Ковачевски потенцираше дека пред 30 години и денес, нашите амбиции сè уште се исти. Почит за човековите права и фундаменталните слободи, демократијата и економски развој и решавање на заеднички прашања што ја засегаат нашата планета.
-Додека сме сите тука во оваа епохална зграда на Ист Ривер за да го прославиме нашето 30 годишно членство во ОН, би сакал да ве поканам и да ја погледнете изложбата што заеднички ја организираа Националниот архив на нашата земја и Министерството за надворешни работи каде се прикажани сите оние моменти кога нашата држава била ставена на тест, сите неволји, но и сите успеси, рече премиерот Ковачевски.
На крајот од своето обраќање истакна дека со нетрпение ги очекува следните триесет години заедничка работа и партнерство.
– Како што велат, првите сто години се најтешки, но велат и дека тешките задачи им се паѓаат на оние кои најмногу можат да издржат, нагласи премиерот Ковачевски. дма/са/