Анализата, која досега не е објавена, ја спроведе Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и беше завршена кон крајот на јуни. Во неа беа анализирани 156 случаи на кражба или губење на помош финансирана од САД, пријавени од американските партнери помеѓу октомври 2023 година и мај оваа година.
Според презентацијата со слајдови на наодите во кои имаа увид западни медиуми, „нема извештаи во кои се тврди дека Хамас“ имал корист од снабдувањето финансирано од САД“.
Портпаролот на Стејт департментот ги оспори наодите, велејќи дека постојат видео докази за грабеж на помошта од Хамас, но не обезбеди такви видеа.
Наодите беа споделени со канцеларијата на генералниот инспектор на УСАИД и претставници на Стејт департментот вклучени во политиката за Блискиот Исток, изјавија два извори запознаени со ова прашање, и доаѓаат во време кога се продлабочува недостигот од храна во опустошената енклава.
Светската програма за храна на ОН вели дека речиси една четвртина од 2,1 милиони Палестинци во Газа се соочуваат со услови слични на глад, илјадници страдаат од акутна неухранетост, а Светската здравствена организација и лекарите во енклавата пријавуваат смртни случаи од глад кај деца.
Студијата ја спроведе Бирото за хуманитарна помош (BHA) на УСАИД, кое беше најголемиот финансиер на помошта за Газа пред администрацијата на Трамп да ја замрзне целата странска помош на САД во јануари, прекинувајќи илјадници програми.
Анализата покажа дека најмалку 44 од 156 инциденти каде што е пријавено дека е украдена или изгубена помош биле „директно или индиректно“ поради израелските воени акции, наведуваат западни медиуми.