Крај на болните гинеколошки прегледи: Научници дизајнираат нов, комфорен спекулум

Ладен, тврд и метален – вагиналниот спекулум, алатка што со децении се користи при гинеколошки прегледи, за многу жени претставува синоним за непријатност, болка и страв. Но, нов дизајн на двајца истражувачи од Универзитетот Делфт во Холандија ветува револуционерна промена: прототип од мека пластика, наречен Лилиум, кој ветува поудобно и помалку застрашувачко искуство за пациентките.

Новиот уред, инспириран од формата на цвет и сличен на апликатор за тампон, е дизајниран првенствено со фокус на удобноста на пациентот, за разлика од стандардниот метален спекулум со клун и завртка, кој се користи со децении. Наместо да предизвикува болка и напнатост, Лилиум има тростран отвор кој ги поддржува вагиналните ѕидови и овозможува добра видливост за лекарите, без дополнителен притисок врз чувствителните мускули.

Инспирацијата за проектот произлегла и од мрачната историја на класичниот спекулум, кој во својата оригинална форма бил тестирана без согласност врз поробени жени во 19. век. Новиот пристап има за цел да ја врати контролата и достоинството на жените при рутински гинеколошки прегледи.

Иако Лилиум сè уште е во рана фаза на развој и претстојат тестирања и добивање на регулаторни одобренија, јавноста веќе покажува голема поддршка. Кампања за собирање средства собрала 100.000 евра за само два дена, што истражувачите го толкуваат како јасен сигнал дека постои силна желба за промени во оваа област.

Стравот и болката при прегледи често ги одвраќаат жените од редовни посети на гинеколог, што е особено загрижувачки ако се земе предвид дека ракот на грлото на матката е четврти најчест облик на рак кај жените – болест што може да се открие токму со преглед што вклучува спекулум.

Доколку се покаже успешен во следните фази, Лилиум би можел да донесе суштинска промена во женската здравствена заштита – правејќи го гинеколошкиот преглед поудобен, побезболен и достапен за многу повеќе жени.

Зачлени се на нашиот е-билтен