Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) ја поддржува одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да отвори постапка поради националистички и навредливи скандирања кои беа регистрирани за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Република Северна Македонија и Романија, одржан на 2 август, во Куманово.
Со ваквите скандирања се предизвикува радзор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, опишано во член 319 од Кривичниот законик, посочуваат од ХКЧП.
Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза, укажуваат од Хелсиншкиот комитет.
На натпреварот присуствувале високи владини претставници, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, се нагласува во соопштението и се наведува дека е загрижувачки е што ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања. Политичарите не смеат да останат индиферентни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација.
Од оваа организација навевдуваат дека Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчеста основа за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа, Хелсиншки комитет смета дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, а надлежните институции да ги пронајдат и казнат сторителите.
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говор на омраза, се нагласува во реакцијата до јавноста и апелира до сите политички, спортски и општествени чинители да се спротивстават на овој феномен и да ја поддржат културата на толеранција, дијалог и почитување на различностите. Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе го следи развојот на настаните поврзани со навредливите и дискриминаторски скандирања.
Спортот треба да биде простор за единство, а не платформа за ширење на говор на омраза, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.