Бочварски: Се зголемува поддршката за СДСМ, на локалните избори настапуваме со проверената коалиција

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, вечерва во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 изрази очекување дека СДСМ ќе добие зголемена поддршка од граѓаните на претстојните локални избори. Тој упати критики до актуелната власт, укажувајќи дека граѓаните веќе го почувствувале разочарувањето од ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекуваме поддршката да се зголемува. Граѓаните низ сите контакти кои што ги имаме велат дека апсолутно се чувствуваат измамени од она коешто беше ветувано од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Бочварски.

Тој подвлече дека промените во резултатите од избори се нормален процес, но суштината, според него, е дали граѓаните се задоволни од перформансите на Владата.

„Многу поважно од резултатите е како граѓаните живеат. Дали се задоволни од перформансите на оваа нова политичка гарнитура која најавуваше многу, а денеска – велат – не испорачала ништо.“

Бочварски најави дека СДСМ ќе настапи на локалните избори заедно со својата, како што ја нарече, „природна коалиција“ – со партнерите со кои соработуваат веќе десет години.

„СДСМ ќе коалицира и веќе ја има својата природна коалиција… Тоа се пред сè левичарските партии, но и партиите од центарот, како ВМРО-Народна. Со таа коалиција ќе настапиме“, изјави тој, додавајќи дека претседателот на партијата има мандат да разговара и со други политички чинители.

Во однос на актуелната состојба во Скопје, Бочварски укажа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да преземе одговорност за владеењето во главниот град.

„Ова е суштината – ВМРО-ДПМНЕ е на власт во Скопје последните четири години. Граѓаните можат да направат разлика – дали подобро се владеело кога градоначалник беше Шилегов, или сега со перформансите на ВМРО-ДПМНЕ.“

На прашањето дали евентуален послаб резултат на СДСМ ќе повлече внатрепартиски промени, Бочварски одговори дека фокусот е на локалните избори и изборот на најдобрите кандидати.

„СДСМ денес е концентриран и фокусиран на изборот на најдобрите кандидати за градоначалници и советници… Очекуваме граѓаните да ја препознаат политиката, токму поради тоа што веќе прават дистинкција по една година власт на ВМРО-ДПМНЕ.“

Во контекст на иницијативата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Бочварски повика на почитување на институционалниот поредок и системски промени, а не само на промена на персонални решенија.

„Она коешто го бара СДСМ е да не се прави упад во системот, туку да се почитуваат процедурите… Ако сакаме да го промениме системот, тогаш треба да седнеме и да ги отвориме законите“, истакна тој.

Бочварски порача дека реформите треба да бидат суштински, со промени во правната рамка и моделот на функционирање на правосудството, со цел да се обезбеди независност и зголемена доверба од граѓаните.

„Ние сметаме дека овде треба да се настапи токму со промена на системот преку промена на овие реформски закони… Ќе ја дадеме поддршката за промена на моделот, за да имаме независно судство и обвинителство и да го подобриме овој систем“, нагласи тој.

Бочварски остро критикуваше и, како што рече, недоследниот став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на правосудните реформи.

„ВМРО-ДПМНЕ секој ден има различен став по ова прашање – прво беа за промена на системот, потоа за смена на обвинителот, па дека се задоволни, па сега пак друга позиција. Недостасува конзистентност“, заклучи Бочварски.

Зачлени се на нашиот е-билтен