Баковска: Ќе го сопре ли некој градоначалникот на Демир Хисар од ДПМНЕ, Никола Најдовски, незаконски да поставува директорка на СОУ? За масовната партизација на образованието ќе го известам и меѓународниот фактор

Според СДСМ скандалозно е градоначалникот на Демир Хисар од ДПМНЕ незаконски да разрешува директорка на училиште

„Во пресрет на датумот за распишување на локалните избори, ВМРО ДПМНЕ повторно не потсетува дека кога партијата е на власт, не постојат граници во злоупотреба на државните институции за партиски цели“, вели Весна Баковска од Комисија за образование на СДСМ.

Таа ја информира јавноста дека во обид да се постават партиски кадри на раководни позиции во образованието градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, во периодот од 2022 година до денес на два наврати незаконито ја разрешувал директорката на СОУ Крсте Петков Мисирков Демир Хисар, Маја Лозановска.

„Неговите решенија на два наврати беа поништувани од страна на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со укажување за незаконитото одлучување во постапката за разрешување. Поради тоа, за незаконито разрешување на директорката на ова средно училиште Министерот за образование и наука му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Никола Најдовски, во делот на именување и разрешување на директор на ова средно општинско училиште и ја именуваше актуалната директорка со свое решение, врз основа на кое и сега ја извршува функцијата директор на училиштето“, вели Баковска.

Баковска нагласува дека градоначалникот, Никола Најдовски, во три наврати упорно ја туркал партиската агенда, на ова место да ја постави Јасмина Дамчевска за в.д. директор на училиштето.

„Во текот на вчерашниот ден до директорката на ова средно училиште Маја Лозановска, беше испратена порака од партискиот миленик на градоначалникот, Јасмина Дамчевска, дека врз основа на решение на градоначалникот Никола Најдовски, била разрешена и дека таа била именувана за да ја извршува функцијата вршител на должноста директор и од неа барала да се изврши примопредавање на функцијата час поскоро“, вели Баковска.

Според членката на Комисијата за образование на СДСМ, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, на ваков начин врши серија на злоупотреби на својата функција и треба да одговара поради следното:

-Актуелниот директор на СОУ Крсте Петков Мисирков Демир Хисар, Маја Лозановска со решение е именувана од страна на Министер за образование и наука, а не од страна на Градоначалникот, како би можел тој да ја разрешува.

-Градоначалникот во недостиг на време заради терминот за распишување на локалните избори, преку злоупотреба на функцијата ја заобиколил целата постапка за разрешување на директор на средно училиште предвидена во чл.93-б од Законот за средното образование и без претходно спроведена постапка пред Училишниот одбор на училиштето, одлуката за разрешување ја донел сам.

-Дали Министерката за образование, Весна Јаневска, е запозната со ваквата партиска навала на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Демир Хисар во пресрет на локалните избори, да постави свој партиски кадар по секоја цена и со прекршување на Законот за средното образование, останува да видиме и да се надеваме дека она што го кажува министерката во јавност го спроведува и на дело.

Баковска на крајот вели дека ова е класичен пример за целосна партизација во образованието во државата, одлика на ВМРО ДПМНЕ која нe враќа во не така далечното минато, кога државата беше оценета како заробена држава.

„За ваквата состојба ќе бидат известени и меѓународните посматрачи на состојбите во државата, а домашните институции ќе бидат ставени на испит со цел да ја спречат ваквата партиско политичка злоупотреба во образованието“, потенцираше Баковска.

Зачлени се на нашиот е-билтен