Алјаска ќе биде домаќин на самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажан за петок, 15 август, со цел постигнување договор за завршување на војната во Украина.
Потврда за средбата даде официјалниот претставник на Кремљ, Јури Ушаков, кој изјави дека изборот на Алјаска е „логичен“ поради географската близина и дека делегацијата на Русија ќе патува преку Беринговиот теснец. Ушаков додаде дека се разгледува можност за одржување и втор самит во Москва, за кој Трамп веќе добил покана.
Од Белата куќа, Трамп најави дека потенцијалниот мировен договор може да вклучува „размена на територии“ меѓу Украина и Русија, без да открие детали. „Се работи за региони каде што борбите траат повеќе од три и пол години. Тоа е сложено прашање, ќе зборуваме подоцна,“ рече тој.
Според пишувањето на Волстрит џурнал, повикувајќи се на европски и украински извори, Путин е подготвен да ја прекине војната доколку Русија ја задржи источна Украина.
Изборот на Алјаска како место за средба е делумно условен од фактот дека САД не се потписнички на Меѓународниот кривичен суд, кој во 2023 година издаде налог за апсење на Путин поради наводно киднапирање украински деца за време на војната.