Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕП го усвои извештајот за напредокот на Србија, санкциите кон Русија клучни за понатамошен напредок

Европскиот парламент денеска со мнозинство од 508 гласови го усвои извештајот на Владимир Билчик, кој е постојан известувач на Европскиот парламент за Србија. Како што се наведува во изјавата на Билчик, тоа е важен политички документ кој го оценува напредокот на Србија на патот кон ЕУ и го опишува следниот чекор во пристапниот процес, јави дописникот на МИА од Белград.

Известувачот на ЕП Владимир Билчик изјави да главната порака на извештајот е дека Србија треба да донесе фундаментални одлуки за да постигне клучен напредок на патот кон ЕУ.

-Ова се однесува на внатрешните реформи во делот на владеењето на правото, како и зајакнувањето на независните медиуми и медиумската средина. Ќе продолжиме да ги следиме случувањата во тие области, рече Билчик.

Тој додаде дека значајни делови од извештајот се посветени на енергетската политика, особено на елиминирање на зависноста од Русија и фосилните горива и подобрување на еколошките прашања.

Тој напомена дека ЕУ треба да се вклучи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека останува на Косово и Србија да продолжат понатаму. Тој потсети на ставот на Европскиот парламент дека Србија мора да се усогласи со ставот на ЕУ кон Русија.

-Како во своите ставови така и за прашањето за санкциите. Се надевам дека Србија ќе го искористи новиот моментум на политиката на проширување. Сакаме Србија да се усогласи со санкциите за да го продолжи својот европски пат, рече Билчик.

Извештајот на ЕП испраќа неколку пораки, заедно со стандардните пофалби за одржувањето избори и враќањето на опозицијата во парламентот, клучните пораки се дека интеграцијата зависи од неколку фактори: Јакнење на демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата, регулирањето на односите со Косово и усогласувањето на надворешната политика.

Во овој извештај, како што се наведува, и покрај лобирањето на Телеком Србија, таа компанија сè уште се споменува во контекст на сомнежот дека ја злоупотребува својата позиција на пазарот и дека властите го користат тоа за да го зајакнат своето влијание врз медиумите. Се критикуваат и доделувањето фреквенции на телевизиите кои го прекршиле Кодексот на новинарите, отворањето на Раша тудеј во Србија и назначувањето на Александар Вулин за шеф на БИА.

Извештајот е усвоен во форма на Резолуција, која нема правно обврзувачки карактер.

Зачлени се на нашиот е-билтен