По успешната премиера и три изведби на 39. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва, каде што претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ беше пречекана со големо воодушевување, НУ Драмски театар Скопје ја најавува својата следна станица – „Охридско лето“.
Македонската публика ќе може да ја проследи возбудливата и духовита копродукција на 17 август од 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот го потпишува еден од најзначајните драмски писатели во регионот, Душан Јовановиќ. Проектот е четирипартитна соработка на Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
На сцената ќе настапи импресивна актерска екипа од четири уметнички куќи: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. За сценографијата е заслужен Лазе Трипков, костимографијата е на Александар Ношпал, музиката на Владимир Пејковиќ, сценското движење на Дамир Клемениќ, а преводот на Соња Должан.
Текстот, напишан во 1972 година во форма на комедија дел арте, е инспириран од бурните историски настани и влијанијата на „Сексуалната револуција“ и студентските протести од 1968 година. Претставата пулсира со еротика, младешка енергија и страст, но меѓу редовите се открива и празнината на едно општество во трка по уживањето.
По премиерата на 10 август, претставата беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, а секое излегување на сцената беше проследено со долги аплаузи и искрена реакција од публиката. По настапот во Охрид, ансамблот ќе ја продолжи турнејата кон Хрватска, со изведба на фестивалот „Лето на Бриони“ кон крајот на август.