Најмалку девет лица загинаа при поплави на Бали

Поплавите што го зафатија индонезискиот остров Бали оваа недела одзедоа најмалку девет животи, блокираа клучни патишта во главниот град и го нарушија секојдневието на оваа позната туристичка дестинација, соопштија властите.

Според портпаролот на државната агенција за природни катастрофи, Абдул Мухари, обилните дождови што паднаа од вторник навечер до среда предизвикале големи поплави и одзеле пет животи во главниот град Денпасар.

Уште четири лица загинале во регионите Џембрана, Ѓанјар и Бадунг. Две лица сè уште се водат како исчезнати.

Од околу 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 биле евакуирани во училишта и џамии, бидејќи нивните домови сè уште се под вода, соопшти агенцијата.

Ограничен пристап до аеродромот, срушени згради

И. Њоман Сидакарија, раководител на островската служба за пребарување и спасување, изјави дека поплавите урнале две згради во Денпасар, а пристапот до меѓународниот аеродром во близина на градот е ограничен – по патиштата можат да се движат само камиони.

Претседателот на Индонезија, Прабово Субианто, изрази сочувство и нареди директорот на националната агенција за катастрофи веднаш да отпатува на Бали за да раководи со итните интервенции и да обезбеди основни потреби за населението.

Досега се поделени шатори, храна и друга помош за погодените.

Зачлени се на нашиот е-билтен