Северните европски земји денеска се сретнаа во Виена за да формираат заеднички фронт пред двегодишните и тешки преговори за новиот седумгодишен буџет на Европската унија, јавува Politico.
За прв пат високи претставници од побогатите членки на ЕУ – меѓу нив Франција, Германија и нордиските земји – седнаа на иста маса за да усогласат стратегија околу предлог-буџетот на Европската комисија, вреден 1,816 билиони евра. Целта е создавање единствен став пред преговорите со земјите како Полска, Шпанија и Италија, кои бараат поголема потрошувачка, особено за земјоделството и поддршка на посиромашните региони.
Подготовка за „битката за буџетот“
Иако официјалните преговори се уште се на почеток, зад кулисите веќе се работи интензивно. На состанокот во Виена не присуствуваат министри, туку државни службеници, додека министрите ќе се изјаснат во октомври.
Како и секогаш, земјите се групираат во два главни табора: таканаречените „нето-уплатувачи“ – од Шведска до Франција – кои во буџетот уплаќаат повеќе отколку што примаат и се залагаат за помал буџет, и „Пријателите на кохезијата“ – сојуз од јужни и источни земји, меѓу кои Италија, Шпанија и Полска – кои бараат поголеми фондови за поддршка на сиромашните региони.
Франција и Германија во центарот
Состанокот во Виена го предводат Франција и Германија, двете најмоќни членки на ЕУ. „На крај, Франција и Германија ќе се договорат за бројката, а ние другите ќе ги следиме“, изјави еден дипломат од таборот на нето-уплатувачите.
Во вториот табор, Полска традиционално е најгласна, бидејќи е најголем корисник на кохезиските фондови. Сепак, сојузот на Варшава и Будимпешта е нарушен поради политиките на премиерот Виктор Орбан, што отвора простор медитеранските земји да преземат поголема улога.
„Договор секогаш се постигнува“
Европската комисија ќе се обиде да го задржи процесот што поблиску до својот предлог. Повереникот за буџет, Полјакот Пјотр Серафин, ќе посредува меѓу двата табора, користејќи ја својата долгогодишна дипломатска кариера.
И покрај очекуваните тешки разговори, европските дипломати се оптимисти: „Овој предлог нема да остане конечен, сите ќе треба малку да попуштат. Но, како и секогаш – договор ќе има“, изјави австрискиот претставник Стефан Имхоф.