Американските медиуми објавија видео на кое се гледа човек во црно како трча по покрив веднаш по моментот кога беше застрелан конзервативниот инфлуенсер и близок сојузник на Доналд Трамп, Чарли Кирк. Тој беше погоден во врат за време на универзитетски настан во Јута, пред околу 3.000 луѓе, и подоцна им подлегна на повредите.
Првично, директорот на ФБИ, Каш Пател, потврди дека осомничен е приведен, но неколку часа подоцна соопшти дека лицето е пуштено по испитувањето. Потрагата по напаѓачот продолжува.
Настанот предизвика паника меѓу студентите кои масовно побегнаа од салата. На собирот присуствувале и сопругата и децата на Кирк.
Претседателот Трамп го нарече убиството „гнасен атентат“ и истакна дека е „исполнет со тага и бес“. „Ова е мрачен момент за Америка“, порача тој во видео обраќање.
Гувернерот на Јута, пак, нападот го опиша како „политички атентат“ и повика Американците да престанат да се мразат едни со други.
Смртта на Кирк се смета за драматична ескалација на растечкото политичко насилство во САД.