Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „нулта отпад“ моментално е тешко применлива цел во Македонија, повикувајќи се на „суштинските и егзистенцијални проблеми“ и нискиот стандард. Пресиромашни сме за да имаме скандинавски решенија на таа тема, рече Мицкоски.
Тој рече дека е отворен за разговор со здруженија и експерти и дека, доколку се покаже дека моделот е спроведлив, ќе го поддржи. Во меѓувреме, ја турка идејата за јавно-приватно партнерство за „Дрисла“ – со погон за преработка на отпад и постројка за производство на струја од метанот кој се создава на депонијата.
На критиките од организациите кои реагираа по неговата порака за „современи депонии“ во Скопје, Мицкоски возврати дека очекувал дел од јавноста да биде против. „После ова што ќе го кажам ќе излезат неколкумина и ќе бидат против. И тоа е нормално. Не може во животот сите да бидат ‘за’“, изјави тој, најавувајќи јавна дебата пред отпочнување на процедурите: ќе бидат поканети и поддржувачите и противниците на идејата за „нулта отпад“, со споредби со најразвиените европски практики – „кај скандинавците има градови што тежнеат кон тоа“, рече, „но ние сме сиромашна држава и мора да видиме што е апликативно“.
„Многу е лесно да се создава магла и да се растураат предуви, па потоа кога ќе дојдеме до решавање – никој да не знае кое е решението“, додаде Мицкоски. По слушањето на аргументите, ако моделот е функционален, „зошто да не“, ќе биде прифатен, инсистира тој: „немаме скриени агенди, немаме интерес“. Како пример за пристапот што го предлага, го наведе моделот на јавно-приватно партнерство во депонијата во центарот на Виена.
На прашања за загадувањето, чадот и безбедноста на депониите, премиерот најпрвин се пофали со „успешно завршената сезона на пожари“ во споредба со регионот, наведувајќи дека „немало жртви, масовни евакуации и големи штети“ поради „добрата организација и навремено постапување“. Потоа алудираше дека „во предизборие некој користи“ поединечни настани за создавање паника и негодување. „Тоа е проблем создаван со децении. Никој досега не го решил, ниту се зафатил“, рече тој, потсетувајќи на кризата со скопскиот смет кога, според него, градоначалници биле спречени да го одложат отпадот во „Дрисла“ и добиле кривични пријави.