Додека во регионот фрчат тужби против Booking.com, во Македонија сè уште ниту една

Околу 150 хотели од Хрватска се приклучија на паневропска колективна тужба против платформата Booking.com, поради таканаречените „клаузули за широка паритет“ кои им забрануваат на хотелите да нудат пониски цени или подобри услови на други платформи или преку сопствените канали. Овие клаузули, според иницијаторите на тужбата – европската организација HOTREC – го ограничуваат пазарот и предизвикуваат финансиска штета за хотелите.

Иницијативата е поддржана од повеќе европски земји, меѓу кои Италија, Германија, Холандија, Грција и Австрија, а најголем одзив има од Исланд, Лихтенштајн, Луксембург, Ирска и Холандија. Според UPUHH, здружението на работодавачи во хрватската хотелска индустрија, хотелите што исполнуваат услови можат да се приклучат на тужбата без никакви трошоци или правни ризици.

Од Министерството за економија и труд во Северна Македонија за Racin.mk потврдија дека до моментот нема поднесено ниту една тужба поврзана со Booking.com од македонски хотели, иако во соседните земји како Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија веќе има активни барања. Од таму истакнаа дека македонските хотели сè уште не се приклучиле на паневропската иницијатива, но ја следат ситуацијата и ја анализираат можноста за вклучување во иднина.

Оваа тужба има за цел да се добие надомест за финансиската штета предизвикана од овие практики и да се стави крај на обврзувачките паритет клаузули кои според HOTREC го нарушуваат фер пазарното натпреварување во туристичкиот сектор.

Зачлени се на нашиот е-билтен