Од денеска во Грција стапи во сила новиот Закон за безбедност во сообраќајот, кој носи значително построги казни со цел намалување на сообраќајните несреќи.
За користење мобилен телефон додека возите казните се движат од 350 евра и одземање дозвола на 30 дена, па до 2.000 евра и една година без возачка ако прекршокот се повтори.
За возење со брзина над 200 км/ч казната може да достигне и до 8.000 евра и одземање дозвола на четири години.
За неносење појас или кацига глобата е 350 евра, а ако повторно се повтори прекршокот – казната се искачува на 1.000 и 2.000 евра со одземање на дозволата до една година.
За возење под дејство на алкохол казните се движат од 350 евра и 30 дена без дозвола, па сè до 4.000 евра и 10 години одземање на возачката дозвола, во зависност од количината алкохол и бројот на прекршувања.
Поминување на црвено светло или непочитување на СТОП знак носи глоба од 350 евра, а при повторувања дури и 4.000 евра и повеќегодишно одземање на возачката дозвола.
Новиот закон предвидува и активирање на Кривичниот законик при опасно возење, што значи и затворска казна.
Грција останува над европскиот просек по број на смртни случаи на патиштата, па властите најавуваат дека со овие строги мерки сакаат драстично да ја намалат црната статистика.