Пред Окружниот затвор на улицата Бачванска во Белград вечерва ќе се одржи протест на студенти и граѓани со барање за ослободување на притворениот студент Богдан Јовичиќ (22) од Техничкиот факултет во Нови Сад.
Јовичиќ беше уапсен на 14 август по протестите во Нови Сад и е обвинет за „насилно однесување на спортски настан или јавен собир“ и за „оштетување на имот од голема вредност“. Таа вечер беше скршено стакло на просториите на Српската напредна партија.
Судот досега двапати му одреди притвор од 30 дена. Поради здравствената состојба по 13-дневен штрајк со глад, тој беше префрлен во специјална болница во Окружниот затвор. Вчера Јовичиќ го прекина штрајкот со глад, по барање на неговата адвокатка Љиљана Боровиќ Марјановиќ, која истакна дека „само здрав студент може да помогне да ја докажеме неговата невиност“.
Поддршката за студентот расте – над 65.000 луѓе ја потпишале петицијата тој да се брани од слобода. Дополнителен револт предизвика и моментот кога Јовичиќ беше донесен на погребот на својот татко со лисици на рацете, а според официјалните информации и со лисици на нозете.
Случајот привлече внимание и на меѓународната јавност. Европскиот суд за човекови права во Стразбур прифати да ја разгледа апликацијата поднесена од неговата одбрана. Реагираа и европски политички партии – Партијата на европските социјалисти и Европската демократска партија, кои побараа итно ослободување на студентот, оценувајќи дека српските власти го третираат „како опасен криминалец“.
Дирекцијата за извршување на кривични санкции, пак, соопшти дека Јовичиќ бил изнесен со лисици за да се спречи бегство и дека „погребниот обред бил целосно почитуван“.