Трамп воведува високи царини за лекови, возила и мебел

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нова рунда казнени царини, вклучувајќи 100% царина за брендирани и патентирани фармацевтски производи и 25% за тешки товарни возила. Новите мерки ќе стапат во сила на 1 октомври.

Преку објава на Truth Social, Трамп истакна дека дополнителни давачки ќе се воведат и за кујнски и тоалетни елементи (50%) и тапациран мебел (30%), со образложение дека американскиот пазар е „преплавен со увозни производи“.

Иако не беше појаснето дали ќе има исклучоци за партнери со трговски договори, како Европската Унија и Јапонија, Токио веќе најави дека го анализира влијанието на мерките.

Веста предизвика пад на акциите на фармацевтските компании во Азија – австралискиот CSL достигна шестгодишен минимум, јапонскиот Sumitomo Pharma изгуби повеќе од 5%, а индексот Hang Seng Biotech од Хонг Конг падна за 2,5%. Намалување од 1,1% беше забележано и кај кинеските производители на мебел.

Трамп најави дека царината од 100% за лекови нема да важи само за компаниите кои веќе започнале изградба на производни погони во САД. Индустриската група PhRMA предупреди дека мерките би можеле да ги загрозат планираните милијарди долари нови инвестиции.

Администрацијата на Трамп паралелно отвори нови истраги за последиците од увозот на медицинска опрема, роботика и индустриска машинерија, а досега како „ризични“ веќе беа оценети челикот, алуминиумот, бакарот, дрвната граѓа, полупроводниците и минералите.

Белата куќа проценува дека новите царини би можеле да донесат 300 милијарди долари приходи до крајот на годината.

Зачлени се на нашиот е-билтен