Фукујама: Храброста на студентите во Србија ја обврзува меѓународната заедница

Американскиот политиколог и професор на Универзитетот „Стенфорд“, Франсис Фукујама, изјави дека упорноста и храброста на студентите кои веќе десет месеци протестираат во Србија создаваат обврска за меѓународната заедница – идните избори да бидат внимателно следени за да се спречат злоупотреби.

Фукујама е еден од потписниците на петицијата што потекна од „Стенфорд“, со која академската заедница ја алармира јавноста за кризата во Србија и повикува ЕУ на построги мерки кон Белград. Тој вели дека иако не може да предвиди како ќе се развива политичката иднина на земјата, студентскиот протест веќе донел „добра и важна промена“.

„Граѓаните треба да излезат на гласање, дури и во нерегуларни услови, бидејќи промената нема да дојде без учество. На меѓународните актери останува да осигураат дека изборите нема да бидат манипулирани како претходните,“ истакна Фукујама.

Тој предупреди дека постои ризик од насилна ескалација, но додаде дека Србија, како земја која има аспирации за членство во ЕУ, мора да најде мирен излез. „Мирната политичка промена е единствената надеж,“ рече тој.

Фукујама забележа и дека авторитарните режими низ светот функционираат според „истиот прирачник“, постепено преземајќи институции и ограничувајќи слободи. Сепак, според него, студентскиот отпор претставува ретка светла точка која ја оживува надежта за демократија во Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен