Во Приштина уапсен аналитичар под сомнение за шпионажа во корист на Србија

Политичкиот аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, Фатмир Шехоли, е уапсен под сомнение за шпионажа, соопшти косовското Министерство за внатрешни работи.

Според информациите од Специјалното обвинителство на Косово, апсењето е резултат на повеќемесечна истрага, а на Шехоли му е одреден притвор од 48 часа. Полицијата, во координација со разузнавачката служба и обвинителството, спроведува претрес на неговиот дом со цел обезбедување дополнителни докази.

„Специјалното обвинителство, во соработка со косовската полиција, ги презема сите потребни истражни дејствија во согласност со Законот за кривична постапка и важечките закони, за што јавноста ќе биде навремено информирана,“ се наведува во соопштението.

Министерот за внатрешни работи во технички мандат, Ѓељаљ Свеќља, изјави дека случајот ќе биде третиран со најголема сериозност, бидејќи се работи за едно од најтешките дела против безбедноста и уставниот поредок на Косово.

„Времето на српските шпиони на Косово заврши. Секој што работи за Србија против Косово ќе биде гонет без компромис,“ порача Свеќља, додавајќи дека властите остануваат посветени на заштитата на државата од сите обиди за нејзино поткопување.

Зачлени се на нашиот е-билтен