Дејан Сипковски, таткото на 21-годишниот Мартин Сипковски, млад студент, поранешен ракометар и модел, кој трагично го загуби животот во експлозија што неодамна се случи во Белград, објави јавно соопштение во кое ја отфрла поврзаноста на нивниот син со какви било насилни дејства или криминални активности и бара темелна и независна истрага за околностите под кои дошло до неговата смрт.

Во емотивна, но јасна изјава до јавноста, таткото на Мартин, Дејан Сипковски, наведува дека неговиот син бил „млад човек со многу енергија, соништа и надежи“, и изразува длабоко несогласување со шпекулациите што кружат во јавноста, особено во некои медиуми, за можната поврзаност на Мартин со поставување на експлозивна направа.
„Сакам јавно и одговорно да кажам дека тоа не е вистина. Мојот син никогаш не би одзел туѓ живот. Имаше свои младешки грешки, но не беше насилен човек“, изјави Сипковски.
Според него, Мартин изминатата година бил во домашен притвор во Македонија, поради истрага во која, како што тврди семејството, не постоеле валидни докази што го поврзуваат со делото. Притоа, се потенцира дека неговото вклучување во случајот било под сомнителни околности, а првообвинетиот, кој според нив има сериозно криминално досие, одамна се наоѓа во Србија.
Мартин, според тврдењата на таткото, бил длабоко вознемирен и исплашен поради исходот од правосудниот процес во Македонија, и под притисок и дезинформации, заминал во Белград, каде, како што веруваат неговите најблиски, бил злоупотребен и измамен.
„Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, со лажни ветувања дека ќе му се овозможи премин во трета држава. Бараме целосна, темелна и објективна истрага – и од српските и од македонските институции“, повикува Сипковски.
Семејството нагласува дека нема да престане да бара одговори и вистина за смртта на Мартин. Особено апелираат до медиумите да известуваат со почит и одговорност, без сензационализам и без ширење непроверени информации.
„Разбираме дека медиумите живеат од читања и кликови, но зад тие наслови стои едно скршено семејство и млада ќерка од 17 години која ги чита сите тие објави. Мартин не беше сторител. Тој беше жртва на околности и манипулации кои го надминаа неговото искуство и возраста“, стои во соопштението.
Семејството Сипковски најавува дека ќе продолжи да се бори за целосно разјаснување на случајот, барајќи транспарентна истрага и отчетност од сите институции вклучени во процесот.